На почетокот на петтиот час, Саша разговараше со младите режисери Јана Денковска, Максим Котески и Костадин Тасевски кои ги напишаа своите идеи за сценарија. Се оформуваа филмските екипи и секој доби задача за која ќе биде задолжен. Гости на оваа училница беа режисерите Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш и заедно со младите филмаџии разговараа за монтажата, нејзиното значење и зошто филмската нарација зависи директно од монтажата.
Учесниците учеа историја на филмската монтажа преку гледање на исечоци од филмски примери, видови на филмска монтажа, какви се софтвери се користат за филмска монтажа и особено посветување на внимание на софтверот за филмска монтажа “Adobe Premiere”. Внимание беше посветено на учење на интерфејсот на софтверот, алактите кои ги содржи, како се користат, поставување на ефекти, видео и аудио транзиции, тајмлинија на софтверот и вежбање преку практични примери за негово користење.