На втората филмска училница во рамки на проектот ФилмЕД, во Кинотеката на Македонија младите филмаџии разговараа за филмот, историјата на филмот, а го посетија и архивот на Кинотеката каде се чуваат филмовите.
На првата училница, младите филмаџии дознаа за се она што ги очекува во престојните часеви, дека ќе учат за многу нешта но и ќе снимаат свои филмчиња и дека ќе треба да се поделат во 3-4 екипи, оттаму и дека секој од нив ќе треба да избере што ќе работи во рамки на филмската екипа. На овој час тие разговараа за личните интереси, афинитети и искуства. Најмногу сакаат да бидат пред камерата, да бидат актери, но има и некои кои сакаат да бидат режисери, бидејќи сакаат да се „главни“.
Оние што сметаат дека добро работат со камерата на својот мобилен – се пријавуваат за сниматели. Двајца се пријавија за монтажери, срамежливо, иако не разбираат во целост од што би се состоела нивната работа.
Часот потоа продолжи со краток осврт на историјата на филмската лента. Децата видоа што е 35, 16 и 8мм лента, како изгледа 8мм камера и проектор за таква лента – нешто што денес нема ни да употребуваат. Потоа сите ја посетија кинокабината, да ја видат апаратурата за аналогна и за дигитална проекција.