На 22 ноември, во рамки на проектот ФилмЕД, се одржа деветтата филмска работилница, која започна со значајно предавање посветено на филмската писменост.
Предавањето го одржа Даниела Станковска Плачковска, Раководителка на Секторот за развој на филмска дејност при Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Таа им ја приближи на младите учесници важноста на филмската култура, критичкото толкување на визуелните содржини и улогата на филмот како средство за комуникација и уметничко изразување.
Во вториот дел од работилницата, групите продолжија активно да ги довршуваат своите филмови. Дел од филмските екипи на младите филмаџии работеа на монтажа на нивните кратки филмови, а други пак доснимуваа сцени и го обмислуваа текот на монтажата. Кратките филмови создадени за време на филмската училница од страна на младите филмски ентузијасти ќе ја имаат својата премиера на 13 декември во 19 часот во киносалата на Кинотеката.
