На 20 септември 2025 година, во просториите на Кинотеката се одржа втората филмска училница во рамки на проектот FilmED, поддржан од програмата МЕДИА на Европската Унија, во соработка со Goethe-Institut Skopje.
Преку динамично и визуелно предавање, младите филмаџии беа водени од режисерот и предавач Саша Станишиќ, кој повторно успеа да ја пренесе својата љубов и знаење за филмот.Темите на оваа сесија ги опфатија појавата на звучниот филм, еволуцијата на Холивуд како индустрија, влијанието на технологијата во дигиталната ера, како и преглед на македонската кинематографија.
Преку внимателно избрани филмски инсерти, децата имаа можност да се запознаат со првите звучни филмови, како „Џез Пејачот“, инсерти од класиците на Џон Форд, Хауард Хокс, „Граѓанинот Кејн“, како и сцени од македонски филмски класици како „Фросина“, „Мис Стон“ и други.
Учесниците активно дискутираа за влијанието на звукот во филмот, за начинот на раскажување преку слика и звук, и за тоа како филмот се менува со времето – но ја задржува својата магија.









