Премиера на кратките филмови изработени за време на „Филмската училница“

На 13 декември се одржа завршниот настан на проектот „Филмска училница“, на кој премиерно беа прикажани кратките филмови создадени од младите учесници кои беа вклучени во овој едукативен процес. Настанот беше реализиран во рамки на проектот ФилмЕД (FilmED), во соработка со Гете Институт- Скопје.

Во текот на три месеци, учесниците имаа можност низ структуриран и практичен процес да се запознаат со основите на филмската уметност – од развивање идеја и пишување сценарио, преку режија и снимање, па сè до монтажа и финална реализација на филмските дела. Процесот не беше само едукативен, туку и креативен за младите филмаџии

Завршната вечер помина во исклучително пријатна и инспиративна атмосфера, со голема посетеност и силен интерес од страна на публиката. Присутни беа бројни гости, партнери и соработници, како и учесниците во проектот – децата кои со голем ентузијазам, љубопитност и креативност ги осмислуваа и реализираа своите филмски идеи.

Настанот го отвори Дамјана Патчева, координаторка на пректот ФилмЕД,  која ја истакна важноста на филмската едукација кај младите и значењето на долгорочните едукативни програми за развојот на креативното размислување, филмската писменост и тимската работа. Потоа следеше доделувањето на дипломите кои им ги врачи менторот и предавач во „Филмската училница“, Саша Станошиќ, кој им се обрати на учесниците со зборови на поддршка и охрабрување за нивниот понатамошен творечки развој.

Во текот на вечерта беа прикажани вкупно пет филмови, секој со своја автентична приказна, визуелен пристап и авторски израз: ТИ И ЈАС на Нина Николиќ,  КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ на Максим Котески, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА на Миа Новеска, РОДЕНДЕНСКА МИСТЕРИЈА на Вања Тирицовски, ДЕВОЈЧЕТО ВО СЛИКАТА на Ведра Гирова на Бодан Лазаревски и Марко Татарчевски . Публиката со големо внимание ги следеше проекциите, а секој филм беше награден со искрено воодушевување, смеа и силен аплауз. Реакциите јасно покажаа дека вложениот труд, креативноста и посветеноста на младите автори биле препознаени и ценети.

Настанот продолжи во дух на дружење, споделување впечатоци и заедничка радост и гордост – како кај учесниците и нивните ментори, така и кај организаторите и партнерите на проектот. Завршниот настан уште еднаш ја потврди важноста на ваквите едукативно-културни иницијативи, кои преку континуирана работа им овозможуваат на децата и младите да го развиваат својот креативен потенцијал и да направат сигурни први чекори во светот на филмската уметност.